Mahmut Geldi
15 Април 2018•Ажурирај: 16 Април 2018
ДАХРАН (АА) - Лидерите на земјите присуствуваат на 29. Самит на Арапската лига кој се одржува денес во источниот дел на саудискиот град Дахран, јавува Anadolu Agency (AA).
Домаќин на самитот е саудискиот крал Селман бин Абдулазиз.
Самитот се одржува еден ден по нападите на САД, Франција и Велика Британија во Сирија, во знак на одмазда за неодамнешната употреба на хемиско оружје во масакрот над цивилите во Дума.
Токму војната во Сирија е една од главните теми на арапскиот самит, а на дневниот ред ќе се најдат и кризите на Блискиот Исток, во Јемен и Либија, како и иранското мешање во внатрешните работи на арапските земји.
Иако генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Ебу Ал Гаит упати покана, на самитот не дојде катарскиот емир, шеикот Темим бин Хамад ал-Тани.
Непосредно пред почетокот на самитот, саудискиот крал Селман порача дека за надминување на тешките предизвици треба да се соберат лидерите кои имаат добри намери и одлучност за решавање на регионалните проблеми.
На самитот исто така присуствуваат и високата комесарка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура.