Ayhan Şimşek
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија утре ќе биде домаќин на Самитот на балканските лидери, како дел од плановите на Берлин да ја забрза интеграцијата на регионот во Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на шесте земји од Западен Балкан ќе се сретнат со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Берлин за да разговараат за процесот на проширување на ЕУ, регионалната соработка и енергетската безбедност.
„Интеграцијата на регионот во ЕУ доби поголема итност по [почетокот на] руската војна против Украина“, рече висок германски дипломат кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека Шолц е посветен на забрзување на пристапувањето во ЕУ на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово и Албанија.
„Стратегијата на Русија беше да манипулира со несогласувањата во [регионот на] Западен Балкан. Ние би сакале да се спротивставиме на тоа. Би сакале да ја зајакнеме соработката меѓу овие земји. И би сакале да ги доближиме до ЕУ“, нагласи дипломатот.
Земјите од Западен Балкан бараат членство во Блокот повеќе од една деценија, а нивните лидери постојано ги критикуваа нивните европски колеги дека не сакаат да примат нови членки, бидејќи го блокираат проширувањето на ЕУ.
Србија и Црна Гора добија статус на земји кандидатки за ЕУ пред повеќе од десет години и оттогаш ги продолжија преговорите за пристап во Блокот.
ЕУ одлучи да започне преговори за членство со Албанија и Северна Македонија во јули, додека Босна и Херцеговина се надева дека ќе добие статус на земја кандидат за ЕУ овој декември. Засега Косово се смета само за потенцијален кандидат за влез во ЕУ.
- Германија ќе вети силна поддршка -
Канцеларот Шолц планира да ја повтори силната поддршка на Берлин за членството на овие земји во ЕУ за време на Самитот, зголемувајќи ги нивните очекувања, според дипломатите.
Земјите од Западен Балкан треба да ги исполнат „критериумите од Копенхаген“ на ЕУ за членство, со кои се бара стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човековите права и почитување и заштита на малцинствата.
Според дипломатите, ЕУ очекува земјите од Западен Балкан да ја усогласат својата надворешна политика со онаа на ЕУ, поддржувајќи ги санкциите на Блокот против Русија.
„Овде, блиските врски на Србија со Русија и нејзините неодамнешни договори за зајакнување на соработката со Москва, се извор на загриженост“, истакна високиот германски дипломат.
Германскиот канцелар Шолц, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен и балканските лидери за време на нивниот ручек утре се очекува да разговараат за надворешно-политичките прашања, конфликтот Русија-Украина и зголемениот број бегалци на балканската рута.
- Лидерите ќе потпишат три договори -
Еден од најважните моменти на Самитот ќе биде церемонијата на потпишување три договори од страна на лидерите, велат дипломатите.
Со овие договори, шесте земји од Западен Балкан меѓусебно ќе ги признаваат личните карти, универзитетските дипломи, стручните квалификации и дипломите, овозможувајќи слободно движење и поблиска регионална соработка.
„Ова се вистински, практични чекори... Тие ќе донесат нова, позитивна динамика за поблиска соработка во регионот“, рече висок дипломат.
За време на Самитот, се очекува лидерите да разговараат и за енергетската безбедност, електроенергетската интерконекција на Западен Балкан и поддршката од ЕУ за земјите за унапредување на соработката на ова поле.
Самитот за Западен Балкан ќе се одржи како дел од Берлинскиот процес, формиран од Германија во 2014 година како платформа за соработка на високо ниво меѓу ЕУ и балканските држави.