Davit Kachkachishvili
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека и покрај суспензијата на Договорот за коридор за жито во Црното Море од страна на Русија, испораката на жито од Украина ќе продолжи благодарение на поддршката од страна на Туркије и Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски даде коментар за тековната војна што Русија ја води во неговата земја во видеопораката што ја сподели од својот профил на социјалната мрежа Телеграм.
Напоменувајќи дека имал телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски во пораката вели дека разговарале за развојот на настаните во војната во Украина, особено на темите поврзани со снабдувањето на Украина со системите за противвоздушна одбрана.
Зборувајќи дека и покрај руската суспензија на Договорот за коридор за жито во Црното Море, испораките на жито од Украина ќе продолжат благодарение на поддршката на Турција и ОН, Зеленски во пораката наведе: „Движењето на украинските бродови со земјоделски производи продолжи и деновиве.“
Тој апелира дека светот треба да реагира доколку Русија ја спречи испораката на жито, и продолжи:
„Сепак, коридорот за транспорт на жито има потреба од безбедносна и долгорочна заштита. На Русија треба да ѝ е јасно дека на секој нејзин чекор што ќе го наруши нашиот извоз на жито, ќе добие силна реакција од светот. Буквално, во прашање се животите на десетици милиони луѓе.“
Тој нагласи дека продолжуваат работите за поправка на инфраструктурата која е оштетена во интензивните воздушни напади на Русија врз енергетските инфраструктури во последниот период, и дека проблемите поврзани со водата за пиење што се појавија како резултат на нападите се речиси целосно решени.
Информирајќи дека продолжуваат да вложуваат големи напори за обезбедување дистрибуција на електричната енергија, природен гас и вода во регионите што Украинската армија ги ослободи од руските сили, Зеленски во пораката наведе дека обезбедиле дистрибуција на гас до повеќе од 20.000 претплатници во регионот Харков.
„Оваа зима ќе направиме сѐ за да обезбедиме струја и греење за луѓето. Но, не смееме да заборавиме дека Русија ќе стори сѐ за да ги уништи стандардите за живот“, рече Зеленски на крајот од своето обраќање.