Ayhan Şimşek
16 април 2024•Ажурирај: 17 април 2024
БЕРЛИН (АА) - Германскиот претседател Франк-Волтер Штајнмаер следната недела ќе престојува во тридневна посета на Туркије, пренесува Анадолу.
„Туркије е важен партнер за Германија во регионот, во НАТО и во Г-20“, соопшти Кабинетот на германскиот претседател, додавајќи дека посетата ќе ја одбележи и 100-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
За време на посетата од 22 до 24 април, Штајнмаер ќе оствари политички разговори, како и средби со претставници на граѓанското општество и бизнис-организации, се наведува во соопштението.
Штајнмаер треба да се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 24 април во Анкара, за да разговараат за билатералните односи и да разменат мислења за регионални и меѓународни прашања.
„Штајнмаер со својата посета ги признава блиските врски меѓу двете земји и особено сака да ја изрази својата благодарност за животните приказни и достигнувањата на милиони луѓе со турско потекло во Германија“, соопшти Претседателскиот кабинет.
Германскиот претседател ќе го посети и југоисточниот град Газиантеп, кој беше меѓу градовите погодени од минатогодишниот разорен земјотрес. Штајнмаер ќе посети и училиште чија изградба беше поддржана од неговата земја.