Hakan Ceyhan Aydoğan
15 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
МОСКВА (АА) - Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека Русија не сакала во целост да ги прекине дипломатските односи со Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Рускиот министер за надворешни работи и неговиот германски колега, Франк Валтер Штајмаер, присуствуваа на отварањето на руско-германското летно училиште на универзитетот во Екатеринбург.
Во обраќањето до присутните, Лавров се осврна на новиот бран тензии помеѓу Русија и Украина, и изрази мислење дека моменталната ситуација нема потреба за прекин на дипломатските односи помеѓу двете земји, туку дека тоа е крајна опција пред која мора со трезвено делување да се направи обид да се нормализира состојбата на разумно ниво.
Нагласувајќи дека по пропаѓањето на политиката на Западот во Украина, Западот се обидува вината да ја префрли на Русија, Лавров изјави да не се уважуваат предлозите на Русија кога станува збор за безбедносните прашања во Европа.
Лавров ги коментираше и случувањата во Сирија и изјави дека примирјата кои траат во Алепо од само неколку часа се недоволни, а клуч за трајно примирје во Сирија го смета решавањето на проблемите во меѓународната борба против тероризмот.
„Кога станува збор за односите на Русија и НАТО, тука е јасно дека состаноците на ниво на амбасадорите од двете страни не донесоа никакви резултати. НАТО не сака подобрување на односите со Русија. Ние на последниот одржан состанок предложивме обнова на соработката и безбедноста”, изјави Лавров.
Шефот на германската дипломатија Штајнмаер, истакна дека Германија и Русија мора да го продолжат дијалогот, без оглед на актуелните недоразбирања.
„Не треба да завртиме грб едни на други. Иако сме свесни дека дијалогот е тежок, треба да го продолжиме сериозно, одлучно и преку изнаоѓање решение”, порача Штајнмаер.
Истакнувајќи дека ширењето на НАТО во Русија се доживува како закана, Штајнамер изјави дека за разговорот за проблемите треба да се користи Советот составен од претставници од двете страни.