Giovanni Legorano
19 Септември 2024•Ажурирај: 20 Септември 2024
РИМ (АА) – Шпанскиот премиер Педро Санчез повика на итен прекин на војната во Појасот Газа, нагласувајќи го дводржавното решение што вклучува формирање посебна палестинска држава покрај Израел, јавува Анадолу.
„Го повторуваме нашиот повик за итен прекин на војната во Газа. Меѓународната заедница и Европа не можат да останат рамнодушни на страдањата на илјадници невини луѓе, особено на жените и децата“, порача тој по средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Мадрид.
„Не може да живееме со смрт и деструкција и не може да прифатиме насилство“, рече шпанскиот премиер на заедничката прес-конференција.
Тој истакна дека со Абас разговарале за проширувањето на конфликтот во Либан, кој доживеа два брана експлозии на комуникациски уреди на неговата територија во вторникот и вчера, во кои загинаа над триесетина луѓе, а илјадници се повредени.
Израел и Либан разменуваат прекуграничен оган по упадот на Хамас во Израел на 7 октомври. Оттогаш Израел секојдневно врши брутални напади врз Газа, користејќи разновидно оружје, вклучително и фосфорни бомби, при што загинаа над 41.300 Палестинци, а повредени се повеќе од 95.000.
Последните неколку недели Израел ја интензивираше својата офанзива и на окупираниот Западен Брег, но експлозиите на комуникациските уреди низ Либан вџаси многумина, а Владата во Бејрут и Хезболах го обвинија Израел за нападите во кои загинаа 37 лица, меѓу кои и жени и деца, а повредени се над 3.200.
Досега и Хезболах и Израел се воздржуваат од започнување отворена војна што вклучува копнени напади.
Шпанскиот премиер Санчез ги повика сите вклучени страни да не дозволат понатамошна ескалација на конфликтот.
Шпанија е една од европските земји што одлучи официјално да ја признае Палестина како држава како знак на поддршка за мировниот процес со Израел.
Санчез го повика Израел да ја прекине окупацијата на палестинските територии на Западниот Брег и да ги повлече своите војници од Појасот Газа со цел да го отвори патот за формирање палестинска држава.
Претседателот Абас, од своја страна, изрази благодарност до шпанскиот премиер за неговата непоколеблива поддршка на палестинскиот народ и повика на мировна конференција во Мадрид.
„Ние сме посветени на постоење на палестинска држава на Западниот Брег и Газа, со Источен Кудс (Источен Ерусалим) како главен град“, рече Абас.
Тој истакна дека планира да оди во Газа со сите палестински лидери за да побара прекин на војната во Појасот Газа и ги покани западните лидери да му се придружат, вклучително и генералниот секретар на Обединетите нации.