Şenhan Bolelli
23 Февруари 2024•Ажурирај: 27 Февруари 2024
МАДРИД (АА) - Во Мадрид, главниот град на Шпанија, на повик на повеќе од 180 католички и евангелистички здруженија се одржа протест против Израел, кој продолжува со нападите врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Претставници на католички и евангелистички здруженија се собраа пред зградата на Амбасадата на Израел во Мадрид и одржаа протест под името „Во име на човештвото запрете го геноцидот“.
Насобраните носеа транспаренти со поддршка за Палестина и осуда на Израел, извикувајќи слогани „Бојкот на Израел“, „Ова не е војна, ова е геноцид“, „Израел убиец“, „Ослободете ја Палестина“ и „Правда“.
Католичкиот свештеник Никасе Терон за Анадолу изјави:
„Должни сме да бидеме и луѓе и христијани, да учествуваме во оваа акција во која бараме мир. Мир заснован врз правда и помирување. Во исто време бараме мир заснован врз поддршка за масакрираниот палестински народ кој долги години страдаше и продолжува да страда.“
Маргарита Хименез е една од Шпанките што учествуваа на протестот.
„Убиваат деца и жени, бомбардираат болници, не дозволуваат влез на хуманитарната помош. Што е ова ако не е масакр? Како што признаа Обединетите нации, таму постојат две држави, но Израел се обидува да ја отстрани Палестина, која никогаш не ја призна. Јас сум побожна христијанка. Не може да се дозволи убивање на толку многу луѓе. Бомбардираат насекаде. Освен тоа, несфатливо е како САД и понатаму го поддржуваат Израел, а Европската Унија молчи и станува соучесник. Кога ние станавме вакви? Како може да толерираме таква состојба? Не правиме ништо. Ова е несфатливо“, истакна Хименез.