Ekipa
15 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ОВИЕДО, Шпанија (АА) - Шпанските власти ја запленија јахтата на рускиот олигарх Сергеј Чемезов во пристаништето на Барселона како дел од санкциите на Европската Унија кон сојузниците на Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска запленивме - техничкиот термин е привремено имобилизиравме - јахта што припаѓа на еден од главните олигарси“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчес на шпанската телевизија „Ла секста“ (La Sexta) доцна синоќа.
Ова е прва руска јахта запленета од шпанските власти, но Санчез вели дека ќе има уште.
Според шпанскиот дневен весник „Ел Паис“ (El Pais), јахтата „Валери“ плови под знамето на Свети Винсент и Гренадини и е во сопственост на шел компанија, што ја отежнува проверката на сопственоста.
Засега, властите ја чуваат јахтата од 85 метри додека да потврдат кој е вистинскиот сопственик.
Сепак, даночните протекувања на „Пандорините документи“ открија дека семејството Чемезов има мрежа на „офшор“ богатство. Тука е вклучена јахтата запленета во Барселона, за која се верува дека индиректно ја поседува поќерката на Чемезов.
Чемезов е поранешен агент на КГБ кој се спријателил со Путин кога и двајцата се наоѓале во источна Германија во 1980-тите.
Во 2007 година, Путин го назначи Чемезов за извршен директор на државниот конгломерат „Ростек“.
Кога изби војната во Украина, шпанските пристаништа беа домаќини на разни јахти поврзани со руските олигарси. Најголемата беше јахтата „Соларис“ во сопственост на Роман Абрамович, но таа го напушти пристаништето минатата недела и се упати кон Црна Гора.
Јахтата „Галактика супер нова“ на Вагит Алекперов исто така брзо замина од Шпанија последните недели. Последен пат беше видена во близина на Црна Гора.
На крајот на февруари, еден Украинец кој бил механичар на јахтата „Лејди Анастасија“, поврзан со шефот на руски државен извозник на оружје, дури направил неуспешен обид да ја потопи пред да се врати да се бори во својата татковина.