Merdan Velhanov
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
АШГАБАТ (АА) - Сердар Бердимухамедов ќе ја преземе функцијата лидер на Туркменистан од својот татко, откако беше прогласен за победник на претседателските избори во централноазиската земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бердимухамедов (40) освои 72,97 проценти од гласовите, многу повеќе од најблискиот од неговите ривали Хирдир Нунајев, кој освои 11 проценти според резултатите објавени од Централната изборна комисија по неочекуваното одложување на броењето.
Над 3,36 милиони луѓе го дадоа својот глас на гласањето на 12 март, со што вкупниот одѕив на гласачите достигна 97,17 проценти, објави државната новинска агенција ТДХ.
Сердар Бердимухамедов беше заменик-претседател на Советот на министри на неговиот татко и претседател во заминување, Гурбангули Бердимухамедов, кој минатиот месец најави предвремени избори.
Се очекуваше неговата победа откако беше назначен за претседателски кандидат од владејачката Демократска партија на Туркменистан.
По неговата кандидатура, Сердар Бердимухамедов вети дека ќе работи за народот на својата земја, врз основа на наследството и принципите на претходниците.
„Мојата главна цел е да ја развијам нашата држава и да му обезбедам на нашиот народ да води просперитетен живот“, рече тој на состанокот на владејачката партија минатиот месец.