Bayram Altuğ
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на бегалци што преминаа од Украина во соседните земји поради војната меѓу Русија и Украина достигна 3 милиони, од кои 1,4 милиони се деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обединетите нации (ОН) продолжуваат со објавување податоци што ги добиваат од различни извори во врска со бегалската криза во Украина.
Портпаролот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) при ОН, Пол Дилон, на прес-конференција одржана во канцелариите на ОН во Женева нагласи дека бројот на бегалци што од 24 февруари, кога започна руско-украинската војна досега, преминале во соседните земји, достигна 3 милиони.
Дилон нагласи дека 157.000 од овие лица се државјани на трети земји.
Од друга страна, властите во Полска соопштија дека во земјата влегле 1 милион 830 илјади бегалци.
- Над 1,4 милиони деца се во статус на бегалци -
Портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, нагласи дека од почетокот на војната досега загинале или се повредени голем број деца.
„Моментално над 1,4 милиони деца избегаа од земјата“, рече Елдер, додавајќи дека тоа значи дека од почетокот на војната досега, 70.000 деца на ден во Украина добиле статус на бегалци.
Елдер предупреди дека децата што преминале во соседните земји се соочуваат со различни ризици, како трговија со луѓе, сексуална злоупотреба и одвојување од нивните семејства.
„Единствениот пат за спас од оваа катастрофа е ставање крај на војната, и тоа веднаш“, истакна Елдер, повторувајќи го својот апел за ставање крај на нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура.