Şenhan Bolelli
14 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
МАДРИД
Две автономни управи во Шпанија, како мерка против брзиот пораст на нови случаи на заразување со Ковид-19, воведоа забрана за пушење на отворени јавни места, јавува Агенција Анадолија (АА).
Забраната за пушење на јавни простори без физичка дистанца најпрво ја воведе покраината Галиција, а се придружија и Канарските Острови.
Одлуката е донесена откако здравствените работници предупредија дека оние кои, пушејќи, не се придржуваат до правилата за носење маски во јавните отворени простори, можат да придонесат во ширењето на вирусот.
Во одлуката е наведено дека пушењето е забрането, не само на јавни места како што се улиците и парковите, туку и на терасите од рестораните и кафулињата.
Властите уште еднаш нагласија дека е неопходно граѓаните да користат маска штом излезат од дома, да одржуваат физичка дистанца и да внимаваат на хигиената, и на тој начин да го спречуваат ширењето на вирусот.
Освен во Галиција и Канарските Острови, и во другите покраини во Шпанија се разгледува можноста за воведување на забраната за пушење.
Во Шпанија во последните 24 часа се забележани 2.935 нови случаи на заразување со Ковид-19.