Şenhan Bolelli
17 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
МАДРИД (АА) ‒ Годишниот број на родени во Шпанија се намалува три години последователно и достигна најниско ниво во последните 80 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците објавени од шпанскиот Национален институт за статистика (INE), во земјата во 2021 година се родени 338.532 бебиња, што е најниска бројка од почетокот на водење на статистиката во 1941 година.
Институтот соопшти дека бројот на родени во 2021 година бил за 0,6 отсто помалку од пред една година, а за 5,6 отсто помалку од 2019 година.
Во земјата во 2020 година е забележана најголемата демографска криза од Граѓанската војна (1936 ‒ 1939). Се оценува дека неизвесноста создадена од епидемијата на Ковид-19 се одрази и на стапката на наталитетот.
Диего Рамиро, директор на Институтот за демографија, географија и економија на Врховниот совет за научни истражувања, во својата оценка на податоците на Институтот, рече: „Се гледа дека првиот бран на епидемијата имал поголем ефект врз раѓањата, а потоа е намален. Имаше огромен пад на бројот на раѓања во четирите месеци помеѓу 2020 и 2021 година. Но потоа во останатиот дел од 2021 година бројот се зголемува.“
Истакнувајќи дека Шпанија е една од земјите со најнизок наталитет во Европа и во светот, експертите предвидуваат дека овој пад ќе продолжи до 2030 година.
Во Шпанија, во последните години жените имаат помалку деца и раѓаат во подоцнежна возраст. Според податоците од 2020 година, стапката на раѓање изнесува 1,19 по жена, а просечната возраст на жените кога за првпат стануваат мајка се зголемила на 31,2 години.