Tayfun Salcı
09 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
ЛОНДОН (АА) – Премиерката на регионалната власт на Шкотска, Никола Старџен, не даде конкретен датум за можниот втор референдум за независност на државата, и истакна дека ќе дејствуваат соодветно по Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога ќе се разјаснат главните црти на постигнатиот договор меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија (ЕУ), како и по излезот (Брегзит) од ЕУ, тогаш е соодветно време Шкотска да ги одржи изборите, се разбира, ако се одлучиме за ваков чекор“, истакна Старџен за „Би-би-си“, во врска со датумот на новиот референдум за независност.
На прашањето што мисли таа за тврдењата на некои шкотски политичари за референдумот „Есен 2018“, Старџен одговори: „Не исклучувам ниту една можност. Ќе ги туркам работите напред, во вистинско темпо за државата“.
Минатата недела, во својот напис во весникот „Тајмс“, Старџен истакна дека не биле земени предвид нејзините алтернативи што ги предложила во врска со позицијата на Шкотска во процесот на Брегзит, и предупреди дека во случај нејзината држава вторпат да оди на референдум за независност, централната власт во Лондон ќе биде одговорна за тоа.
Шкотската Влада во 2014 година распиша референдум за излегување од Обединетото Кралство, но не обезбеди доволно мнозинство за независност. Шкотската Влада го донесе на дневен ред вториот референдум за независност и го отвори за дискусија предлог-законот на јавното гласање.
Под влијание на ставот: „Излегувањето од Обединетото Кралство значи излегување од Европската Унија“, од страна на централната власт за време на референдумот за независност во државата, 55 отсто од народот гласаше за останување во Обединетото Кралство.
Педесет и два отсто од народот во Обединетото Кралство, составено од Англија, Шкотска, Велс и од Северна Ирска, гласаа за Брегзит на референдумот за ЕУ одржан минатата година. Гласовите за Брегзит биле подоминантни во Англија и во Велс, додека 62 отсто од народот во Шкотска и 55,8 отсто од народот во Северна Ирска гласал за продолжување на членството во ЕУ.
Владата на Обединетото Кралство овој месец планира да го стави во сила членот 50, со кој државата ќе го започне процесот за излегување од ЕУ.