МОСКВА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утре во официјалната посета на Русија ќе предводи бројна делегација од турски претставници, а целта на посетата е продолжување на процесот на нормализација на односите и интензивирање на соработката меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Москва утре ќе се одржи седница на Советот на турско-руска соработка, која минатата година не се одржа поради кризата во билатералните односи предизвикана од случајот со уривањето на рускиот авион во ноември 2015 година, во јужниот дел на Турција.
Кризата во турско-руските билатерални односи беше прекината во средината на минатата година, кога турскиот претседател Ердоган на својот руски колега, Владимир Путин му испрати писмо, а потоа двајцата лидери одржаа заеднички состанок. Така започна процесот на нормализација на односите што резултираше со зголемување на турскиот извоз во Русија, кој во јануари оваа година се зголеми на 150 милиони долари, што е 59,1 отсто повеќе во однос на извозот во декември минатата година.
И двете страни направија големи чекори во интензивирање на соработката во областа на енергетиката и туризмот, но и понатаму се во сила голем број на ограничувања кои Русија, по падот на нејзиниот авион, ги воведе кон турските граѓани кои живеат во Русија, како и кон турските стопански субјекти и поединци кои соработуваат со Русија.
Во рамки на седницата на Советот за турско-руска соработка се очекува пред претседателите Ердоган и Путин да се најдат низа договори за интензивирање на билатералната соработка во областа на економијата, енергетиката, одбраната и културата, а се очекува да се разгледаат и опциите за конкретно намалување на останатите руски санкции кон Турција.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во саботата изјави дека седницата на Советот за турско-руската соработка ќе се одржи во нов формат, којшто Русија го применува само со неколку земји со кои има интензивни и пријателски односи.
И шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека тоа е важен состанок на највисоко ниво, на кој челниците на двете земји ќе разговараат за зајакнување на соработката во трговијата, за заедничките инвестиции, но и за важни регионални прашања, како што е Сирија.
- На дневен ред на состанокот се и ублажување на забраната кон Турција -
Посебен акцент на состанокот ќе биде даден на преговорите за статусот на турските компании и стопанственици кои работат во Русија. И покрај тоа што двете земји ги нормализираат односите во сите сектори, и понатаму се во сила одредени санкции кои Русија ги наметна минатата година кон турските стопански субјекти.
Некои од овие санкции го ограничуваат пристапот на турските компании на тендерите во Русија, а во голема мера на компаниите во Русија им е забрането да вработуваат турски граѓани. Поради овие санкции поголем дел од турските бизнисмени ги продадоа своите фирми во Русија, а голем број од нив се затворени, бидејќи изгубија конкурентност на пазарот.
Претседателот на Унијата на турско-руски стопанственици, Наки Карааслан, за АА изјави дека наскоро очекува целосно укинување на санкциите на Русија кон турските субјекти, како и руската забрана за увоз на турски земјоделски производи.
„Неопходно е итно пронаоѓање на разумно решение за овој проблем, со цел да се овозможи продолжување на работењето на руските компании со турски капитал, кои вработуваат повеќе од 100.000 луѓе“, рече Карааслан.
- Соработка во секторите за одбрана, енергетика и туризам -
Неодамна Турција соопшти дека започнала преговори со Русија за купување на одбранбени системи С-400, со цел да се надмине проблемот во набавката на ракетен и противракетен арсенал.
И директорот на руската компанија Ростек, Сергеј Чемезов, потврди дека во тек се преговри за финансискиот дел на таа соработка.
Рускиот министер за одбрана, Александар Фомин, рече дека не е исклучена можноста наскоро пред претседателите Путин и Ердоган да биде подготвен договорот за продажба на ракетниот систем С-400.
Изградбата на гасоводот „Турски тек“ е една од темите во кои Турција и Русија направија најголем напредок во интензивирање на соработката во изминатите неколку месеци. На руската компанија „Газпром“ во краток рок ѝ се издадени речиси сите потребни дозволи за изградба на гасоводот. Планот е во втората половина од оваа година да започне изградбата на делот преку морето.
Уште една од темите на утрешниот состанок би требало да биде заедничката изградба на првата нуклеарна централа во Турција, Аккују.
И туризмот е еден од секторите во кој Турција и Русија направија голем напредок во процесот на нормализација на односите. Рускиот претседател Путин минатата година ја поништи забраната за чартер летови кон Турција, а турските агенции ја обновија својата збогатена понуда на турски туристички дестинации. Оваа година во Турција се очекуваат три милиони руски туристи.
- Русија и понатаму ја држи забраната за увоз на турски земјоделски производи -
За време на кризата во билатералните односи, Русија го забрани увозот на прехранбени производи од Турција, која дотогаш беше еден од најголемите добавувачи на стока во Русија. Аналитичарите сметаат дека официјална Москва може да ги задржи тие санкции со цел поддршка на развојот на сопствениот земјоделски сектор.
Во 2015 година Турција во Русија извезе 875,4 милиони долари овошје и зеленчук, а минатата година тој извоз беше помал за 62,1 отсто и е намален на 331,7 милиони долари.
Неименувани руски претставници за АА изјавија дека сепак на утрешниот состанок очекуваат во Москва да се постигне договор за ублажување на тие санкции.
news_share_descriptionsubscription_contact
