Erbil Başay
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, побара од Европската Унија (ЕУ) да одвои место за Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кулеба во изјава за германскиот телевизиски канал АРД истакна дека во рамки на посетата на Берлин ќе продолжи со напорите во врска со тоа Украина да стане земја кандидат за членство во ЕУ.
Тој нагласи дека често слуша изјави дека Украина ѝ припаѓа на Европа и дека е дел од европското семејство.
„Всушност, не зборуваме за брзо членство на Украина во ЕУ, но за нас е многу важно да се одвои место за Украина“, додаде Кулеба.
Шефот на украинската дипломатија изрази задоволство од тоа што Германија го сменила својот став во врска со обезбедувањето оружје за Украина.
Тој реагира против тоа што на комеморативните церемонии организирани на 8 и 9 мај во Берлин по повод 77-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа, не било дозволено да се прикаже знамето на Украина.
Инаку, Кулеба е поканет на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Г7 кој ќе започне денеска и чиј домаќин ќе биде германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок. На состанокот треба да се разговара за санкциите против Русија и за борбата против глобалниот недостиг на храна.