Nuri Aydın
12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Во Северна Кореја која досега тврдеше дека пандемијата не е раширена во земјата, е откриен првиот случај на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на официјалната Корејска централна новинска агенција КЦНА (KCNA) се нагласува дека Ковид-19 е регистриран во примероци земени од пациенти во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја.
Во веста нема информации за тоа колку случаи се откриени. Се наведува дека случаите се подваријанта на Омикрон позната како BA.2.
По откриените случаи во земјата е прогласена вонредна состојба.
На состанокот на кој учествуваа високи претставници, вклучително и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун, одлучено е да се имплементира максимален итен систем за превенција од пандемијата.
- Полициски час -
По состанокот, Ким повика да се спроведе „полициски час“ во сите провинции и области во земјата со цел да се спречи ширењето на пандемијата.
Нагласувајќи дека пандемијата ќе биде надмината, Ким ги повика здравствените работници да ги забрзаат напорите за дезинфекција на работните места и домовите и да ја користат целата медицинска опрема и материјали против пандемијата.