Sayed Khodaiberdi Sadat
01 Јули 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
КАБУЛ (АА) - Претседателот на Врховниот совет на национално помирување на Авганистан, Абдула Адбула, изјави дека опстанокот на земјата е неизвесен и ги повика сите политичари заеднички да дејствуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абдула на собирот во Кабул истакна дека стапката на насилство во Авганистан е зголемена по повлекувањето на странските сили.
„Никој во Авганистан не сака војна. Сѐ уште преовладува желбата и волјата за мир. Иднината на државата е во опасност. Политичарите треба да дејствуваат заеднички“, изјави Абдула.
Истакнувајќи дека талибанското движење ги интензивирало судирите и не се определило за градење на мир, Абдула изјави дека и претходно постоел сомнеж во талибанското определување за мир, а дека тој сомнеж сега додатно се зголемил.
„Не може мир да се гради само на една страна. Двете страни мора да покажат искрена определеност за мир. Нашите преговарачки делегации се во катарскиот град Доха. Целта ни е со преговорите да дојдеме до решение“, изјави Абдула.
Мировниот процес во Авганистан е сѐ понеизвесен, а со повлекувањето на странските мировни сили дојде до интензивирање на насилството во земјата.
Талибанското движење во изминатите два месеца презеде контрола во 45 подрачја во Авганистан и моментално контролира повеќе од 13 региони во земјата.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), Талибанците контролираат меѓу 50 и 70 отсто од територијата на Авганистан.
Судирите меѓу авганистанските сили и Талибанците траат во најмалку 190 подрачја.