Шефот на СЗО објави крај на најновата епидемија на ебола во Конго
Честитајќи им на Владата и народот на земјата, особено во погодената заедница Булапе, Гебрејесус изјави дека епидемијата, прогласена во септември, регистрирала 64 потврдени и веројатни случаи, вклучувајќи 45 смртни случаи
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, денес објави крај на најновата епидемија на вирусот ебола во Демократска Република Конго, велејќи дека тоа претставува добра вест, јавува Анадолу.
Честитајќи им на Владата и народот на земјата, особено во погодената заедница Булапе, Гебрејесус на прес-конференција во Женева изјави дека епидемијата, прогласена во септември, регистрирала 64 потврдени и веројатни случаи, вклучувајќи 45 смртни случаи.
„Го почитуваме сеќавањето на оние што починаа, особено на оние што ги загубија своите животи служејќи им на другите“, рече Тедрос.
Тој додаде дека СЗО е „горда што ја одиграла својата улога во ставањето под контрола на оваа епидемија“, работејќи заедно со Министерството за здравство, националните институции и партнерите.
Осврнувајќи се на глобалниот напредок, Тедрос потсети дека пред една деценија немало одобрени вакцини или терапија против ебола, додека денес болеста е превентабилна и може да се излечи.
Сепак, тој предупреди дека друг смртоносен вирус сега се шири во регионот.
„Иако еболата е запрена во ДРК, во Етиопија пред повеќе од две недели е прогласена епидемија на вирусот Марбург“, рече тој.
Според СЗО, во Етиопија досега се пријавени 12 потврдени случаи, од кои осум завршиле со смрт. Тројца пациенти закрепнале, а еден сè уште се лекува. Тедрос посочи дека етиопската Влада го води одговорот на епидемијата, а СЗО ја поддржува во согласност со барањата.
Здравствената агенција на ОН обезбедува материјали за тестирање, заштитна опрема за здравствените работници и испраќа експерти кои ќе им помогнат на локалните власти во контролата на ширењето на болеста.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
