Halime Afra Aksoy
04 Август 2021•Ажурирај: 05 Август 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Фејсал бин Ферхан, истакна дека нивните односи со Катар се многу добри, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на саудиската телевизија „Еш-Шарк“, бин Ферхан преку видеоконференција учествуваше на Безбедносниот форум „Аспен“, што се одржа во градот Аспен, Колорадо, САД.
„Односите на Саудиска Арабија со Катар се многу добри“, нагласи Ферхан, додавајќи дека Самитот во Ал-Ула придонел за решавање на конфликтите.
На 41. Самит на КИК, што се одржа во градот Ал-Ула, Саудиска Арабија, на 5 јануари, беше соопштено дека земјите што вовеле ембарго на Катар повторно ги воспоставиле своите дипломатски односи со Доха и дека ембаргото е укинато.
- Договорот „Абрахам“
Осврнувајќи се на договорите „Абрахам“ потпишани од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин, Судан и Мароко во 2020 година за нормализирање на односите со Тел Авив, Ферхан истакна дека тие веруваат дека овие договори се позитивни за да го зголемат учеството во регионот, но дека потребно е тие да се зајакнат.
Саудискиот министер Ферхан исто така нагласи дека долгорочната стабилност во регионот не може да се постигне без решавање на палестинско-израелскиот конфликт.
- Присуството на Иран во регионот
Меѓу другото, Ферхан истакна дека Иран се заканува со поморски активности во Заливот и дека претставува дел од кризата во Либан.
Ферхан, додавајќи дека Иран „мора да престане да ја подгрева нестабилноста во регионот“, рече дека за активностите на Иран и спречувањето на поморската пловидба од нивна страна разговарале со Соединетите Американски Држави.