Abdula Berisha
25 Ноември 2024•Ажурирај: 27 Ноември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ) на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Арапска Република Египет, Бадр Абделати, на маргините на годишната конференција „Медитерански дијалог“ што се одржува во Рим, пренесува Анадолу.
„Во година кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, денешната средба ги потврдува одличните билатерални односи и ја истакнува заедничката подготвеност за нивно натамошно зајакнување“, се наведува во соопштението пратено од македонското МНРНТ.
Двајцата министри разговараа за унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво и за продлабочување на економската и меѓусекторската соработка. Според соопштението, во оваа насока за 2025 година е најавено организирање бизнис-форум со компании од двете држави.
„Министерот Муцунски изрази благодарност за поддршката од Египет за кандидатурата на државата за членство во Советот за човекови права на Обединетите нации, при што беше истакната одличната досегашна соработка во рамките на мултилатералните организации“, се вели во соопштението.