Burak Bir
08 Април 2024•Ажурирај: 09 Април 2024
ЛОНДОН (АА) - Поддршката на Велика Британија за Израел не е безусловна и зависи од тоа дали ќе го почитува меѓународното хуманитарно право, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, пренесува Анадолу.
„Се разбира дека нашата поддршка не е безусловна: очекуваме една таква горда и успешна демократија да го почитува меѓународното хуманитарно право, дури и кога е предизвикана“, напиша Камерон во колумна за весникот „Сандеј тајмс“.
Изјавите на Камерон дојдоа во период на над шестмесечните напади на Израел врз Појасот Газа, кои започнаа на 7 октомври, по нападот во Израел од страна на палестинската група Хамас и речиси една недела по израелскиот напад во кој загинаа седуммина хуманитарни работници што доставуваа храна во Појасот Газа.
Хуманитарната организација Светска централна кујна (СЦК) со седиште во САД минатиот вторник потврди дека седуммина нејзини хуманитарни работници се убиени во израелски напад претходниот ден.
Хуманитарните работници беа државјани на Австралија, Полска, Велика Британија и Палестина, како и американско-канадски државјанин.
Камерон истакна дека „трагичното убиство“ на хуманитарните работници на СЦК „кое можеше да се избегне“ е „страшен потсетник“ за цената на конфликтот во Газа.
Тој истакна дека нема сомнение каде лежи вината, додавајќи дека „истрагата на Израел веќе ги наведе несоодветните процеси и неприфатливото однесување“ на вмешаниот персонал на израелската војска.
„Ова никогаш не смее да се повтори“, рече тој, потсетувајќи дека тројца од хуманитарните работници што загинаа во нападот се британски државјани.
Осврнувајќи се на тековните хуманитарни активности за опколената енклава, тој рече дека има потреба од „поплава од помош“.
Британската Влада во саботата објави нов пакет воена и цивилна поддршка „за воспоставување коридор за поморска помош за Газа“, вклучително и распоредување на бродот на Кралската морнарица за да се приклучи во мисијата за спасување животи во источниот Медитеран.
„Не може да стоиме настрана со главата во раце, да посакуваме крај на борбите што можеби нема да дојде - а тоа значи обезбедување заштита на населението во цела Газа, вклучително и во Рафа“, рече Камерон.
Тој истакна дека Израел, како окупаторска сила, има одговорност пред жителите на Газа, нагласувајќи дека обичните цивили мора да бидат безбедни и да имаат пристап за задоволување на основните потреби.
Камерон додаде дека „очајно сака овој конфликт да заврши“ и народот на Израел и народот на Газа да можат да ги живеат своите животи во мир и безбедност.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на почетокот на октомври минатата година од страна на палестинската група Хамас во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Оттогаш се убиени речиси 33.200 Палестинци, а околу 75.900 се повредени во жестоките израелски напади.
Израел, исто така, воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој неодамна побара од него да стори повеќе за да спречи глад во Газа.