Ekipa
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
АФРИН (АА) – На 6-годишнината од нападот на режимот на Башар ал Асад со хемиско оружје, во кој загинаа повеќе од 1.400 цивили, очевидците на масакрот длабоко жалат за тоа што одговорните лица сè уште не се казнети, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поминаа 6 години откако режимот на Асад уби 1.400 цивили со хемиско оружје во регионот Источна Гута, во Дамаск, на 21 август 2013 година.
Во тој период, режимот, покрај тоа што на Организацијата за забрана на хемиското оружје ѝ вети дека ќе ги уништи залихите за хемиско оружје, многу пати употреби хемиско оружје убивајќи цивили.
Ветото на Русија во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) спречи одговорните за масакрот да бидат испратени до Меѓународниот кривичен суд.
Источна Гута, која е еден од регионите што претрпеа најмногу крвави масакри и најстрога блокада во граѓанската војна во Сирија, под контролата на режимот влезе на 12 април 2018 година, а илјадници цивили се раселија во Идлиб и областите ослободени во офанзивите на турската војска „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.
Сведоците на масакрот со хемиско оружје извршен во Источна Гута на 21 август, дадоа изјави за АА. Тие се наоѓаат во регионите под контрола на опозицијата.
Ебу Ала, од месноста Хамурије во Источна Гута, како сведоци на нападот, рече: „Здравствените центри немаа место за да интервенираат врз лицата што беа погодени од хемискиот гас. На сите од устата им излегуваше пена. Очите им беа отечени, дишењето им беше многу поинакво.“
Ебу Ала вели дека режимот сакал да ги обвини за нападот противниците, кои ги нарекувал „терористи“, но населението било свесно дека такво оружје има само режимот.
Истакнувајќи дека длабоко жалат за тоа што и по шест години не се пронајдени одговорните за масакрот, Ебу Ела вели: „Режимот кој тврди дека го уништил хемиското оружје, не само Источна Гута, потоа со хемиско оружје ги нападна и Хан Шејхун и други места. Се надевам дека Господ ќе спушти казна врз оние што го извршија масакрот и врз оние што молчат.“
- „Не можевме да им помогнеме на луѓето што умираа во нашите раце“ -
Махмуд Хумси Ебу Џабир, рече дека живееле во регионот Џисрин, и дека се разбудиле во 02:00 часот по полноќ.
„Дознавме дека имало напад со хемиско оружје во Земелка и Ајн Терма. Ги зедовме сите лекови што ги имавме дома и излеговме. Се обидувавме да им помогнеме на луѓето, но не можевме, луѓето умираа на нашите раце. Тоа беа најтешките моменти.“
Ебу Ријад, друг очевидец, обраќајќи се до меѓународната заедница, рече: „Сакаме веќе режимот убиец да биде гонет за овој напад. Сакаме сите да видат дека ние сме жртви на режимот.“