Atila Altuntaş
17 Јуни 2022•Ажурирај: 18 Јуни 2022
СТОКХОЛМ (АА) – Шведската премиерка Магдалена Андерсон денес изјави дека договорот потпишан со независната пратеничка Амине Какабаве, која е поддржувач на терористичката организација ЈПГ/ПКК, наскоро истекува, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Андерсон за весникот СВД изјави дека пратеничкиот мандат на Какабаве ќе заврши за три месеци, со што договорот со неа ќе ја изгуби својата важност.
„Ова е договор меѓу Социјалдемократската партија и пратеник. Овој договор ќе истече кога наскоро ќе истече пратеничкиот мандат на Какабаве“, рече Андерсон.
„Нема да има преговори со Какабаве во дополнителните разговори за буџетот кои се одложени за следната недела“, додаде таа.
На Андерсон ѝ беа потребни 175 од 349 парламентарни пратеници за да формира влада и беше избрана за премиерка на 24 ноември со гласот на Какабаве. Во замена за овој глас, беше потпишан договор меѓу владејачката Социјалдемократска партија и Какабаве за поддршка на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Оценувајќи го ембаргото за оружје против Туркије, таа рече дека одлуките се носат посебно.
„Во моментов не постои ембарго за оружје за Туркије од Шведска“, тврди таа, и рече дека тие се во постојан контакт со Туркије за да се решат некои прашања за тоа како нејзината земја работи во борбата против тероризмот.
Опозициските партии ја обвинија социјалдемократската Влада дека го загрозува процесот за НАТО со продолжување на договорот со Какабаве.
На 15 јуни, Какабаве ја повика шведската Влада да не извезува оружје во Туркије, велејќи дека во спротивно, таа ќе гласа против Владата во преговорите за буџетот.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО минатиот месец – одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари.
Но, Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за кандидатурите за членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.
Во својата повеќе од 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е на листата на терористички организации од Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.