Atila Altuntaş
15 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
СТОКХОЛМ (АА) - Шведската министерка за култура и демократија, Алис Ба Кунке изјави дека нема зборови за нападите во Алепо и дека треба колку што е можно побрзо да се спречи бомбардирањето на децата, и општо на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Кунке за време на разговорот со новинарот на АА не можеше да се воздржи од емотивна реакција на масовните страдања на цивилите во Алепо.
„Немам зборови да го опишам она што се случува. Застрашувачко е, тоа подрачје е претворено во пекол. Сведоци сме на трагедија“, изјави Кунке.
Според нејзините зборови, шведската Влада ги направила сите потребни подготовки за да му помогне на населението на Алепо. Таа истакнува дека продолжуваат активностите за влез во Алепо и за доставување помош.
„Европската Унија и Обединетите нации го следат она што се случува во Алепо. Се надевам дека ќе биде воспоставен траен прекин на огнот“, додаде Кунке.
Таа зборуваше за расистичкиот напад на џамијата во Стокхолм, извршен претходниот месец.
„Ваквите напади од омраза длабоко нѐ потресуваат“, изјави министерката Кунке, која додаде дека и останатите министри, но и други претставници на власта во Шведска придаваат големо внимание на ова прашање.
Кунке потсети и на коментарите на социјалните медиуми, полни со омраза и расизам, за фотографијата на дете со афроамериканско потекло на билборд на продавница.
„Тоа со сигурност не е нашата земја. Со министерот за внатрешни работи формиравме работна група. Започнуваме опширен проект во кој ќе учествуваат невладините организации, деловни луѓе, политичари, но и припадници на народот. Најважен клуч за решавање на овој проблем е народот“, додаде шведската министерка.
Таа истакнa дека доколку меѓу народот се зајакне љубовта и меѓусебното почитувањет и доколку омразата биде искоренета, проблемот ќе биде решен.