Yusuf Hatip
03 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
ИСЛАМАБАД (АА) - Откако по скандалот “Панама документи“ доживеа политички дебакл, поранешниот премиер на Пакистан, Наваз Шариф, се врати на чело на владејачката Пакистанска муслиманска лига (PML-N), јавува Anadolu Agency (AA).
Шариф како единствен кандидат на конгресот на партијата во Исламабад ја доби довербата на делегатите, а наскоро се очекува и Изборната комисија на Пакистан да го потврди неговиот избор за местото претседател на партијата.
Враќањето на Шариф на чело на владејачката партија е овозможенo со вчерашната реформа на Изборниот законик, со кој парламентот на земјата овозможи претседател на политичка партија да може да биде лице кое претходно било осудувано, и кое не е пратеник во Парламентот.
Опозицијата строго се спротивстави на таа реформа и најави жалба пред Уставниот суд.
Скандалот „Панама документи“ е една од најголемите афери со којашто беше откриено дека многу светски функционери кријат и перат пари со посредство на оф-шор компании во Панама, а меѓу нив се најдоа и имиња од семејството Шариф. Затоа, Уставниот суд на Пакистан кон крајот на јули го разреши Наваз Шариф од функцијата премиер.
На празното премиерско место избран е Шахид Хакан Абаси.