Ömer Tuğrul Çam
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за внатрешни работи на Европската Унија (ЕУ) се согласија со оценката на Европската комисија дека Хрватска е подготвена за влез во Шенген, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката на министрите за внатрешни работи на ЕУ ја соопшти синоќа словенечкиот министер Алеш Хојс.
Оваа информација на својот профил на Твитер ја потврди и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Советот на министри на ЕУ штотуку ги одобри Заклучоците за исполнување на потребните услови за целосна имплементација на правната основа на Шенген од страна на Хрватска. Ова е важна одлука која нѐ приближува кон постигнување на стратешката цел на Владата на РХ за пристапувањето кон Шенген“, напиша Пленковиќ.
Членството во Шенген ги вклучува областите на полициска соработка, заштита на податоци, заедничка визна политика, враќање и реадмисија, шенгенски информациски состав, регулативи за огнено оружје, контрола на надворешните граници и судска соработка во кривичните работи.
По одлуката на Европската комисија во 2019 година, пристапот на Хрватска во Шенген мораше да биде одобрен од секоја од земјите членки на ЕУ. Конечната потврда на одлуката е во Советот на ЕУ.
Хрватска е членка на Европската Унија од 2013 година.