Nilay Kar
24 Август 2019•Ажурирај: 25 Август 2019
БИЈАРИЦ (AA) – Во судирите на демонстрантите и безбедносните сили во петокот во Франција, во пресрет на Самитот Г7, што ќе се одржи овој викенд, повредени се четворица полицајци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според извештаите на француските медиуми, демонстрациите против Г7 прераснале во насилство во селото Уруњ, оддалечено 25 километри од јужниот крајбрежен град Бијариц, каде што ќе се одржи Самитот на лидерите на седумте најзначајни индустриски земји во светот.
Полицијата ги растера демонстрантите со солзавец, а како што наведуваат медиумите, освен полицајците, повредени се и 17 лица. Се очекува организациите кои се против групата Г7 во сабота и недела да се соберат на демонстрации.
Челниците на Г7, чии членки се Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, ќе се состанат на дводневен самит, а ќе се фокусираат на решавање на нееднаквоста.
Франција, која е претседавач на Г7 до крајот на 2019 година, го обнови форматот на Самитот Г7 и ги повика земјите партнери, вклучувајќи ги Австралија, Чиле, Индија и Јужна Африка, да учествуваат на состанокот.