Ikrame Imane Kouachi
05 Јули 2024•Ажурирај: 06 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку четворица Палестинци се убиени, а еден е повреден денес при напад на израелските сили врз градот Џенин во северниот дел на Западниот Брег, јавува Анадолу.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека „четворица убиени и едно тешко повредено лице се донесени во владината болница во Џенин по агресијата на израелската окупација врз градот“.
Очевидци за Анадолу изјавија дека смртта била предизвикана од израелското бомбардирање на плоштадот Ал-Авда во Џенин, што се совпадна со нападот на израелската армија врз градот.
Очевидците изјавија дека израелската армија влегла во градот од неколку страни, опколила куќа и ја бомбардирала за време на избувнувањето на вооружените судири со Палестинците.
Денес взори израелската армија изврши рации насочени кон градовите Калкилија, Наблус, Рамала и Витлеем, а избувна и судир со десетици Палестинци, од кои многумина беа уапсени.
Во текот на изминатите неколку години израелската армија спроведува континуирани рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври минатата година. Палестинците се напаѓани и од илегалните еврејски доселеници.
Според податоците на Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 565 Палестинци, меѓу кои 136 деца, а 5.351 се ранети во оган на израелската армија врз окупираната територија.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се наложи на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од нападите.