Ahmed Asmar
21 Април 2025•Ажурирај: 25 Април 2025
ЕРУСАЛИМ/АНКАРА (АА) - Четворица министри во израелската крајнодесничарска влада на Бенјамин Нетанјаху повикаа на анексија на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
Според израелскиот јавен сервис КАН, министрите го упатиле апелот за време на церемонијата на отворање на населба во нелегалното населено место „Хар Браха“ во близина на градот Наблус во северниот дел на Западниот Брег.
Повикот за анексија го упатија министерот за одбрана Израел Кац, министерот за населби и национални мисии Орит Штрок, министерот за правда Јарив Левин и министерот за развој на периферијата, Негев и Галилеја, Јицак Васерлауф.
Според КАН, министрите заедно со останатите лидери на доселениците повикале на наметнување израелски суверенитет и проширување на изградбата на населби низ Западниот Брег.
Кац рече дека населбата ја смета како одбранбена фронтална линија на Израел, ветувајќи дека воената офанзива на израелската армија на Западниот Брег ќе продолжи, објави КАН.
Меѓународната заедница, вклучително и Обединетите нации (ОН), смета дека израелските населби се нелегални според меѓународното право. ОН постојано предупредуваа дека континуираното проширување на населбите ја загрозува одржливоста на дводржавното решение, рамка која се смета како клучна за решавање на повеќедеценискиот палестинско-израелски конфликт.
Тензиите остануваат високи низ окупираниот Западен Брег, каде што најмалку 954 Палестинци се убиени, а над 7.000 се повредени од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, покажуваат палестинските податоци.
Во јули 2024 година, Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим (Источен Кудс).