Büşra Nur Çakmak
07 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
АНКАРА (АА) - Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, рече денеска шефот на Алијансата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата заедно со министерот за надворешни работи на Украина, Димитро Кулеба, пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, Јенс Столтенберг нагласи: „Сигурен сум дека ќе одговориме на потребата од повеќе противвоздушни одбранбени системи, противтенковско оружје, полесно и потешко оружје и многу други различни видови поддршка за Украина.“
„НАТО исто така има одговорност, се разбира, да ги заштити и да ги брани сите сојузници. Значи, ние од почетокот на инвазијата на Украина го засиливме нашето воено присуство во источниот дел на Алијансата“, рече Столтенберг.
Додаде дека НАТО се грижи да нема простор за недоразбирања и погрешна проценка во Москва за неговата подготвеност да се заштитат и одбранат сите сојузници.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, рече: „Мојата агенда е многу едноставна. Има само три точки на неа, оружје, оружје, оружје.“
„Јас ги повикувам сите сојузници да ги стават настрана нивните колебања и неволност да ѝ обезбедат на Украина сѐ што ѝ треба. Бидејќи колку и да звучи чудно, денес оружјето служи за целта на мирот“, додаде тој.
Руската војна во Украина, која започна на 24 февруари, доведе до меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Најмалку 1.563 цивили се убиени во Украина и 2.213 се повредени, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу повисока.
Повеќе од 4,3 милиони Украинци пребегаа во други земји, а милиони други се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.