Ekrem Payan
18 Ноември 2017•Ажурирај: 19 Ноември 2017
ШИРНАК (АА) - Заменик премиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, скандалот за време на воената вежба на НАТО во Норвешка, за време на која актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган и првиот претседател на модерна Турција, Кемал Ататурк беа прикажани како мети, го оцени како подмолен и скандалозен, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг престојува во југоисточниот турски град Ширнак, а во таа прилика се осврна на скандалот на воената вежба на НАТО.
Скандалот за време на вежбата на НАТО Боздаг го окарактеризираше како скандалозен и подмолен, и изјави дека оние кои негуваат непријателство кон Турција, не сакаат и не можат да го сокријат непријателството кон лидерите кои го сакаат народот и државата, и кои деноноќно работат за Турција да биде што поразвиена земја.
Тој потсети како основачот на модерна Турција, Кемал Ататурк во минатото водел борба против светските сили, и нагласи:
„Иако од тоа поминаа околу 100 години, денес гледаме дека против претседателот Ердоган се води една меѓународна соработка. Оваа соработка, за жал, даде толку храброст да еден војник за време на воена вежба за мета ги постави основачот и актуелниот лидер на земјата која е членка на НАТО. Како што во минатото светските сили не успеаја да го победат и уништат Ататурк, така нема да успеат ни да го победат и уништат ни претседателот Ердоган. Нашиот народ повеќе од било кога ќе го штити и поддржува нашиот претседател“.
Норвешките офицери се разрешени од должност откако за време на воена вежба на НАТО, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и првиот претседател Кемал Ататурк беа прикажани како мети. Во вежбата на НАТО учествуваше 41 турски војник, а по инцидентот, по наредба на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, турските војници се повлечени од вежбата.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг потоа во два наврати упати извинување до Турција поради случувањата на НАТО вежбата „Trident Javelin" во Норвешка. Најпрво упати пишана изјава а потоа на состанокот на меѓународниот безбедносен форум Халифакс во Канада на началникот на Генералштабот на турската војска, Хулуси Акар, му упати отворено извинување.