Aşkın Kıyağan
06 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
ВИЕНА (АА) - Повеќе од 330 руски дипломати се протерани од европските земји откако Русија започна војна со Украина на 24 февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Повеќето земји, како причини за протерувањето го наведоа прекршувањето на Виенската конвенција, безбедносните закани и наводната шпионажа од страна на руските дипломати, додека другите ги прогласија за персона нон грата за да покажат солидарност со Украина.
По објавувањето на снимката од украинскиот град Буча која многумина ја прогласија како „ужасна и жална за човештвото“, Германија, Франција и Италија ги забрзаа нивните дејствија против Русија.
Вкупно 150 руски дипломати беа протерани до 1 април, со повеќе од 182 други веднаш по неодамнешното објавување на загинатите цивили во Буча.
„Европската Унија прогласи голем број руски дипломати кои работат во Брисел за персона нон грата“, соопшти шефот за надворешна политика на блокот, Жозеп Борел.
- Италија протерува 30 руски дипломати -
„Италија одлучи да протера 30 руски дипломати поради загриженост за националната безбедност, додека руската војна во Украина трае“, изјави министерот за надворешни работи, Луиџи ди Мајо.
„Оваа мерка, преземена во координација со другите европски и атлантски партнери, беше неопходна поради мотивите поврзани со нашата национална безбедност, во контекст на актуелната кризна ситуација што произлегува од неоправданата агресија на Украина од страна на Руската Федерација“, додаде тој.
- Германија протерува 40 руски дипломати -
Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, рече дека земјата одлучила да протера десетина руски дипломати како одговор на „воените злосторства извршени во Украина“.
Германското Министерство за надворешни работи не го објави точниот број на руски дипломати кои се прогласени за персона нон грата, но германската новинска агенција ДПА (DPA) објави дека Владата наредила протерување на 40 дипломати.
- Франција -
Франција ја објави нејзината одлука да протера повеќе руски дипломати неколку часа откако претседателот Емануел Макрон повика на нови санкции поради наводните злосторства извршени од руските сили во Буча во близина на украинскиот главен град Киев.
Според медиумските извештаи, одлуката ќе влијае на 35 руски дипломати.
- Шпанија -
„Шпанија одлучи да протера околу 25 руски дипломати и персонал на Амбасадата“, рече шпанскиот министер за надворешни работи.
Хозе Мануел Албарес истакна дека одлуката е преземена поради ужасните дејствија на Русија во Украина, особено за градовите Буча и Мариупол, каде што огромен број цивили жртви излегоа на виделина.
- Полска -
„Полска протера 45 руски дипломати поради сомневање за шпионажа“, соопшти минатиот месец министерот за внатрешни работи на земјата.
„Со целосна доследност и одлучност ги протеруваме агентите на руските тајни служби во нашата земја“, рече на Твитер Мариуш Камински.
Словенија, Данска, Шведска, Латвија, Бугарија, Словачка, Белгија, Холандија, Чешка, Бугарија и Северна Македонија се, исто така, помеѓу европските земји кои ги протераа руските дипломати.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Досега, според податоците на ОН, во Украина загинале најмалку 1.480 цивили, 2.195 се повредени, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,27 милиони Украинци побегнале во други земји, со уште милиони внатрешно раселени.