БРИСЕЛ
Јазот во стапката на вакцинација против новиот тип коронавирус (Ковид-19) помеѓу источните и западните земји членки на Европската Унија (ЕУ) не се затвора. Во некои западноевропски земји речиси сите возрасни се вакцинирани, додека во источните земји, како што се Бугарија и Романија, вакцинирани се помалку од една третина од возрасната популација, пишува Агенција Анадолија (АА).
Вакцинацијата во земјите на ЕУ започна на почетокот од 2021 година. Комисијата на ЕУ се договори со производителите на вакцини да купи милијарди дози во име на земјите членки.
ЕУ со „Фајзер-БајоНТех“ има договори за купување приближно 2,4 милијарди дози вакцини, со „Модерна“ за 460 милиони дози, со „АстраЗенека“ за 300 милиони дози и со „Џонсон и Џонсон“ за набавка на 400 милиони дози вакцини.

Се чини дека исчезнаа проблемите во снабдувањето со вакцини што се појавија на почетокот на годината. Во моментов, се наведува дека нема проблем во снабдувањето со вакцини во земјите на ЕУ, и дека луѓето во секоја земја имаат лесен пристап до вакцините.
Со решавањето на проблемите во снабдувањето со вакцини, вакцинацијата во земјите на ЕУ доби на интензитет во пролетните месеци, а висока стапка на вакцинација е постигната со почетокот на туристичката сезона во летните месеци. Во јули, Комисијата на ЕУ ја исполни својата цел за вакцинирање на 70 проценти од возрасното население на Унијата, која брои популација од 450 милиони луѓе.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), 77,6% од возрасните граѓани на ЕУ примиле барем една доза, а 70,8% се вакцинирани со две дози.
- Во некои земји, стапката на целосно вакцинирани се приближува до 90%
Важно е да се забележи дека стапката на вакцинација е особено висока во земјите од западниот дел на континентот, каде што стапката на вакцинирани со една доза во некои земји надминува 90%, додека стапката на целосно вакцинирани се приближува до 90%.
На пример, стапката на целосно вакцинирани луѓе е 91,1% во Малта, 89,8% во Ирска, додека во Данска, каде што се укинати сите мерки за епидемијата, изнесува 87,4%. Следуваат Португалија со 86,5% вакцинирани, Белгија со 83,9%, Шпанија со 80,8%, Франција со 79,7%, Холандија со 77,2%, грчкиот дел на Кипар со 75,2%, Шведска со 74,1%, Германија со 73,4%, Италија со 72,8% и Луксембург со 72,4% целосно вакцинирани.
Наспроти ова, вакцинацијата напредува бавно во земјите од источниот дел на ЕУ. Додека во некои земји, стапката на вакцинација од 50% штотуку е постигната, во други оваа стапка е многу помала.
Во Бугарија, каде што вакцинацијата на возрасната популација е најниска, изнесува 21,4%, во Романија таа изнесува 32,6%, 47,3% во Летонија, 48,4% во Хрватска и 50,2% во Словачка.
- Многу низок интерес за вакцинација во Бугарија
Во Бугарија, со популација од 7 милиони жители, од почетокот на епидемијата досега се регистрирани над 473.000 случаи на Ковид-19, од кои животот го загубија 19.661 лице. Околу 2.000 новозаразени и околу 150 смртни случаи се регистрираат секој ден.
Во Бугарија, земја со висока стапка на смртност во споредба со голем број други држави, населението може да добие бесплатна вакцина со избирање на една од 4-те типа вакцини одобрени од ЕУ.
И покрај ова, интересот за вакцинација е екстремно низок. Во земјата во која социјалните мрежи се широко распространети, во подем е бројот на лица против вакцинацијата. Во време на епидемијата на Ковид-19, граѓаните инсистираат да не користат маски, како што тоа беше случај и во претходните месеци.
Бугарското Министерство за здравство објави дека 98% од починатите од Ковид-19 се лица кои биле против вакцините. Од друга страна, вреди да се забележи дека јавноста се однесува како да нема епидемија и не одржува социјална дистанца на улиците и на јавните настани.
Одделенијата за Ковид-19 во болниците работат на границите од својот капацитет. Поради оваа причина, бугарската Влада минатата недела донесе одлука културните настани во затворен простор да се со ограничен капацитет, спортските настани во затворени простории да се одржуваат без гледачи, рестораните да се затвораат во 23:00 часот, а ноќните клубови, дискотеките, местата за забава и казината привремено да бидат затворени.
- Жителите на Романија, особено во руралните подрачја, не се вакцинираат
Во Романија, која има приближно 20 милиони жители, досега се регистрирани 1,26 милиони случаи позитивни на коронавирус.
Стапката на вакцинација е многу ниска, особено во руралните подрачја. Во оваа земја бројот на новозаразени изнесува 2.000 случаи на дневна основа, додека поради заразеност со Ковид-19, животот го губат 40 лица. Стапката на вакцинација во руралните области изнесува 14%.
Како причина за ниската стапка на вакцинација се наведуваат недовербата на романскиот народ кон властите, недостатокот на доверба во вакцината и стравот од нејзините несакани ефекти.
Друга важна причина за ниската стапка е што на почетокот на кампањата за вакцинација, лекарите не им препорачуваа вакцинација на своите пациенти. И стапката на вакцинација меѓу здравствените работници е исто така многу ниска.
Покрај тоа, како една од причините за ниското ниво на вакцинација е фактот дека романскиот христијански православен духовен водач Даниел на ниту еден медиум не се обрати со поддршка на кампањата за вакцинација. Се наведува дека тоа што свештениците и водачот на Православната црква не дале изјава со поддршка на кампањата за вакцинација, многу влијаело врз тоа што се случува во руралните области.
Во Романија не се применуваат сериозни ограничувања, освен условот за носење маска во затворени простори и во јавниот превоз. И оваа регулатива сериозно не се спроведува. Викендот на музичкиот фестивал во градот Клуж што траеше 4 дена, без маска присуствуваа во просек 56.000 луѓе, иако носењето маска беше задолжително.