Jeyhun Aliyev
17 Август 2020•Ажурирај: 17 Август 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу остро ја осуди изјавата на поранешниот американски потпретседател и претседателски кандидат на претстојните избори во САД, Џо Бајден кој рече дека ќе се залага за промена на власта во Турција и дека би можел да ја поддржи опозицијата во намерата на изборите во 2023 година да го собори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Видеоснимката на контроверзната изјава на Бајден за намерата со поддршка на опозицијата да ги менува политичките трендови и власта во Турција предизвика бројни критики и осуди и од власта и од опозицијата.
„Ние во корен ги отфрламе таквите наметнувања. Тоа е изјава на лице кое не знае и кое не го признава ниту турскиот народ", изјави за АА Чавушоглу и порача дека одлуката за смена на лидерите и власта во Турција може да ја донесе само народот на таа земја, а тоа никако не може да го прават САД.
Чавушоглу рече дека во Сант Доминго во текот на официјалната посета на Доминиканската Република се состанал со американскиот колега Мајк Помпео.
„На состанокот со Помпео разговаравме за Либија и договоривме продолжување на разговорите на ниво на експертски тимови", рече Чавушоглу.
И американскиот Стејт Департмент ја соопшти веста за состанокот на Помпео и Чавушоглу во Сант Доминго, главниот град на Доминиканската Република, а во соопштението се наведува дека Помпео и Чавушоглу разговарарале за релаксација на тензиите на Источен Медитеран и за други теми.
Односите меѓу Турција и САД од неодамна бележат несогласувања заради бројни причини како што се купувањето на рускиот систем С-400 од страна на Турција, како и операциите за борба против тероризмот во северна Сирија, каде што САД ја снабдуваат со оружје ЈПГ/ПКК - сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, одговорна за смртта на десетици илјади турски граѓани.
Една од причините е и немањето слух за барањата на Турција за екстрадиција на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО кој живее во САД и кој стои зад неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година, во кој загинаа 251 лице.