Merve Berker
23 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во Брисел се состана со шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, со кого дискутираа за билатералните односи, регионалните прашања и за други работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу на Твитер изјави дека Турција ќе продолжи да работи со високиот претставник на ЕУ, Борел, за да продолжи позитивната агенда.
„Потребна е поголема соработка за ажурирање на Царинската унија, визната либерализација, нерегуларната миграција и борбата против тероризмот“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека „регионалните прашања, вклучително Сирија, Авганистан и Либија“ биле исто така меѓу темите за кои разговарале двајцата официјални претставници за време на состанокот.
„Ние сакаме да воспоставиме односи со Турција како земја кандидат, сосед и важна земја каде што можеме да ги развиваме најдобрите односи. Ние сакаме да го направиме ова со одбрана на интересите на земјите членки и ЕУ“, рече Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што се одржува пред Самитот на лидерите на ЕУ оваа недела.
За време на Самитот ќе бидат оценети односите меѓу Турција и ЕУ.
Борел, исто така, изјави дека во текот на наредните недели, ЕУ ќе продолжи одблиску да го следи однесувањето на Турција, како на пример, во преговорите за решавањето на кипарското прашање и во разговорите за активностите за сондажа со Грција.