Admir Fazlagic
23 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија пристигна во седиштето на НАТО во Брисел каде започнува дводневниот состанок на Северноатлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека министерот Османи испрати пораки за значењето и очекувањата од престојниот Министерски состанок
„Историски момент и за мене, и за Република Северна Македонија, за прв пат физички на масата на Министерскиот состанок во пресрет на нашата прва годишнина од полноправното членство во Алијансата“, истакна Османи, реафирмирајќи го членството во НАТО како стратешки успех за земјата.
„Стоиме на ниво на задачата со нашето членство во Сојузот, придонесувајќи кон стабилноста на регионот, ширејќи ги НАТО вредностите, активно придонесувајќи за надминување на современите предизвици на Алијансата“, посочи Османи при самиот старт на дводневниот Министерски совет.
Во соопштението на МНР се додава дека денешното учество на Османи на Министерскиот состанок на НАТО, претставува за прв пат физичко присуство на министер за надворешни работи на Република Северна Македонија на овие состаноци како полноправна членка на Алијансата.
Потсетуваме, во март минатата година Република Северна Македонија стана 30. членка на НАТО по завршување на сите официјални процеси.