свет

Чавушоглу: „Невозможно е да го прифатиме она што го наметнуваат САД за системот С-400“

Турција со Русија постигна договор за одбранбениот систем С-400, што предизвика негодување од Вашингтон и тензии во турско-американските односи

Beyza Binnur Dönmez  | 16.06.2019 - Обновена : 17.06.2019
Чавушоглу: „Невозможно е да го прифатиме она што го наметнуваат САД за системот С-400“

Hatay

ХАТАЈ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, порача дека за Турција е неприфатливо тоа што Соединетите Американски Држави (САД) го наметнуваат во врска со набавката на системот за одбрана С-400, јавува Anadolu Agency (AA). 

Турција со Русија постигна договор за одбранбениот систем С-400, што предизвика негодување од Вашингтон и тензии во турско-американските односи. 

Официјален Вашингтон тврди дека со купувањето на системот С-400 Турција ќе го загрози своето место во програмата за производство на воени авиони Ф-35, и се заканува со воведување на санкции кон Турција. 

Од Анкара тврдат дека американските критики не се основани, и дека набавката на одбранбениот систем е безбедносна потреба на Турција. Првата испорака на С-400 е планирана за почетокот на следниот месец. 

Чавушоглу денеска при посетата на Хатај остро го осуди утринскиот напад кои силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад го извршија врз контролниот пункт на турската војска во деескалационата зона во Идлиб. 

„Таквата агресија на режимските сили е неприфатлива и е спротивна на договорот за Идлиб. Одговорноста за запирање на нападите на режимските сили е на Русија и Иран, кои се гаранти на договорот за таа страна“, рече Чавушоглу. 

Тој, исто така, порача дека Турција нема да го толерира вознемирувањето на своите војници од страна на сирискиот режим. 

Министерството за одбрана на Турција утрово соопшти дека режимските сили извеле артилериски напад од местото Тал Базан врз контролниот пункт во местото Мурак. Во нападот немаше настрадани лица, а причинета е материјална штета.

„Нападот е плански изведен и на него е возвратено со жестоко артилериско дејство“, се наведува во соопштението. 

Министерството, исто така, наведе дека се преземени соодветни иницијативи во соработка со Русија, и дека Турција внимателно ја следи ситуацијата во деескалационата зона во Идлиб. 

Идлиб е најголемата енклава под контрола на опозицијата во Сирија, а со посредство на Турција и Русија, во Сочи во септември минатата година, беше постигнат договор за примирје во Идлиб и за воспоставување деескалациона зона за цивилите. 

Согласно договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, поставени се контролни пунктови, а силите лојални на режимот на Асад не престанаа со артилериските и воздушните напади во регионот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın