Uğur Çil
04 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Министрите за надворешни работи на Турција и на Иран разговараа за тешката хуманитарна криза и за насилството на коешто е изложено обесправеното муслиманско малцинство Рохиџа во мјанмарскиот регион Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со иранскиот колега Џавад Зариф.
Неименуван дипломатски извор за АА откри дека една од главните теми на разговорот била кризата во Аракан, каде што припадниците на муслиманското малцинство се соочени со бруталните напади од страна на мјанмарската војска и будистичките милитанти.
Под изговор за борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села, од коишто десетици илјади жители беа принудени да избегаат во соседен Бангладеш.
Според последните извештаи на ОН, во Бангладеш до вчера пристигнале 73.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади чекаат да ја преминат границата.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на настраданите во нападите на муслиманските населби. Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени лица.
Чавушоглу претходно изјави дека Турција е подготвена да му помогне на Бангладеш и да ги поднесе сите трошоци за згрижување на муслиманите од Аракан, кои се познати како најзагрозеното апатридно етничко малцинство во светот.