Şerife Çetin
14 Април 2021•Ажурирај: 15 Април 2021
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, потсети дека е започнат нов период во односите со Египет, и рече дека можно е да се реализираат заемни посети и средби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу даде изјава за некои медиуми по вчерашниот состанок на Претседателскиот кабинет на Турција.
Турскиот министер нагласи дека во НАТО денес ќе се одржи состанокот на Советот на НАТО, и затоа, како што рече тој, телефонски разговарал со неговиот грчки колега Никос Дендиас, додавајќи дека посетата на Дендиас на Анкара ќе се реализира утре.
Шефот на турската дипломатија се осврна и на односите помеѓу неговата земја и Египет.
„Во новиот период можно е да има заемни посети, како и заемни средби“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека ќе се одржи состанок на ниво на замениците министри за надворешни работи од двете земји.
Според него, планирањето во оваа насока е во тек, а сè уште не е одреден конкретен датум за тоа.
Чавушоглу рече дека сè уште не е разговарано за назначување амбасадор во Египет, и дека за оваа тема ќе се разговара на состанокот на замениците министри за надворешни работи.
Исто така, тој се осврна и на одлуката на Русија за ограничување на летовите кон Турција и нагласи дека оваа состојба ќе го погоди туризмот. „Не гледаме некое политичко образложение во одлуката на Русија“, додаде тој.
Како што рече Чавушоглу, оваа одлука е донесена врз основа на извештајот на Министерството за здравство на Русија.
„Исто и Русите сакаат многу да доаѓаат, но одлуката е донесена поради здравствени причини“, рече Чавушоглу, додавајќи дека продолжуваат работите во врска со повторното започнување на летовите.