İnci Gündağ
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
ЛОНДОН (АА) - Обилните снежни врнежи и екстремно ниските температури на воздухот негативно влијаат на животот во Обединетото Кралство и Велс каде што е прогласен црвен метеоаларм, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Институтот за метеорологија се наведува дека ситуацијата е влошена поради спојувањето на бурите „Ема“ и „Sверот од Истокот“ (Beast from the east). Бурите донесоа големи количини снег и ветер.
Најголемо предупредување е издадено за централните, јужните и западните делови на Велика Британија, Велс и Северна Ирска.
Британската полиција наведува дека поради голомразицата и подмрзнатите патишта забележани се верижни судири, повеќечасовни блокади на патиштата и предупредија никој да не се движи по улиците освен сервисите за итна помош.
Ширум земјата, поради снегот на шините и голомразицата, околу 20 железнички фирми ги откажале патувањата.
Од железницата се соопштува дека доцнења се забележани во југоисточниот дел на Велика Британија, Шкотска и Велс. Исто така, пореметување во сообраќајот е регистрирано и во лондонското метро кое секојдневно го користат околу пет милиони лица.
Поради мразот е затворена и најфреквентната метро и железничка станица Падингтон. Откажани се неколку летови од Лондон како и од другите градови.
Метеоролозите најавуваат дека ваквите временски услови ќе се задржат денес и утре. Црвен метеоаларм е прогласен вчера и на подрачјето на Шкотска и Ирска.