Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Цивилите, засолнети во импровизираните шатори во северозападната сириска покраина Идлиб, поради суровите зимски услови навечер ја палат својата облека за да се стоплат.
Снежните врнежи и студеното време тешко се поднесуваат во шаторските кампови во Идлиб, додека силните ветрови ги уништија шаторите на голем број семејства.
Семејствата кои мораа да ги напуштат своите домови поради нападите на режимот на Асад и неговите поддржувачи се борат со сиромаштијата и со неповолните временски услови.
Во камповите каде што температурите се ниски, децата се собираат на едно место и се обидуваат да се загреат со палење на пластика, стари чевли и парчиња дрво што ги наоѓаат во околината.

Во регионот каде што температурата на воздухот се спушта и до 5 степени под нулата, жртвите на Граѓанската војна, кои не можат да купат огрев, ноќе ја палат облеката за да ги загреат шаторите.
Аднан ал Ахмед, кој пред 8 години мораше да го напушти својот дом во село во западниот дел на Хама, за Агенција Анадолија (AA) рече дека во кампот уништени се шаторите на повеќе од 50 семејства поради обилните снежни врнежи.
Ахмед истакнувајќи дека во последен момент ги спасиле децата од под уништените шатори рече: „Семејствата чии шатори се уништени се засолниле кај соседите, со тоа населението во шаторите се зголеми. Ја палиме облеката за да се загрееме“
Ахмед исто така наведе дека поради снежните врнежи патиштата се затворени поради што болните деца не можат да ги носат во болница.

Нагласувајќи дека негова единствена желба е да се врати во својот топол дом од кој мораше да побегне, Ахмед повика да им се помогне.
Калид ал Шејх, кој избегал од западните села на Хама, нагласи дека шаторите им се уништени и дека во последен момент ги спасиле децата.
„Не можеме да спиеме ноќе поради студот. Немаме храна и огрев. Апелирам до сите хуманитарци да испратат помош за сиромашните кои живеат во шаторите.“
- Последната ситуација во Идлиб -
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за формирањена четири зони на деескалација во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо), но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз три од овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Русија и Турција постигнаа дополнителен договор во Сочи на 17 септември 2018 година.
По краткотрајниот прекин на огнот, во мај 2019 година силите на режимот започнаа копнени операции за освојување на целата територија. Во тие операции на режимот и неговите поддржувачи, освоени се значајни територии во околината на Идлиб, подрачја северно и источно од Хама, како и рурални области што се наоѓаат јужно и западно од Алепо.
Иако силите на режимот повремено го прекршуваат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во периодот од 2017 до 2020 година приближно 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат кон границата со Турција поради нападите на силите на сирискиот режим и на Русија.