Jeyhun Aliyev,Talha Yavuz
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
КРАМАТОРСК (АА) - Победата на Украина во услови на нејзините неодамнешни тензии со Русија треба да биде на прво место во умовите на луѓето, според волонтерка активистка во источниот регион на земјата, Донбас, која заедно со други пензионери ги засукаа ракавите за да ја поддржат државната армија.
„Јас посакувам победа. И победата треба да биде на прво место во нашите умови“, рече Оксана Муровлева, раководителка на огранокот во Доњецк на Здружението на украински жени и Клубот за разговор Фаина, за Агенција Анадолија (АА).
Околу триесетина волонтери, главно пензионирани жени, работат во Здружението во Краматорск, град во северниот дел на Доњецката Област, во работните денови, додека помлади луѓе исто така доаѓаат во Здружението да им помогнат на волонтерите во саботите.
„Нашето семејство (во Доњецк) беше исфрлено од нашиот дом бидејќи беше проукраинско“, рече таа, додавајќи дека речиси сите волонтери на Здружението морале да ги напуштат домовите, кои сега се под контрола на проруските сепаратисти.
Муровлева, поранешна професорка на универзитет по украински јазик и литература од градот Јасинувата во Доњецката Област на југоисточна Украина, рече дека украинските жени „треба да научат да заработуваат за сопствената егзистенција и да бидат сигурни за сопствената иднина“.
„Проблемот на сите општества е тоа што кога ќе ја постигнат победата, тие не знаат што да прават со неа. Ние не сакаме да бидеме робови. Не сакаме никој да управува со нас. Ние сакаме оваа победа да биде победа на Украина, да биде победа на нашата матична земја“, рече таа.
- Работа без слободен ден -
Надејда Колинченкова (70), волонтерка, рече дека Здружението започнало со работа во Краматорск во август 2014 година, кога избувнал конфликтот помеѓу Русија и Украина.
Како одговор на руските дејствија, НАТО го засили своето присуство во Источниот блок, со четири мултинационални борбени групи со големина на баталјон распоредени во Естонија, Латвија, Литванија и Полска на ротациона основа.
Колинченкова, пензионирана инженерка по дизајн, рече дека волонтерите подготвуваат рачно изработени воени камуфлажни мрежи и плетени чорапи, како и мали перници, и ги испраќаат на линијата на фронтот за да ги поддржат украинските сили.
„Работиме во изминатите осум години, од 2014 година. До средината на 2018 година работевме без слободни денови. Сега имаме само еден слободен ден во неделата. Нашите бранители немаа слободен ден, па така и ние немавме слободен ден. Ние помагавме колку што можеме“, кажа таа.
„Како материјали што се користат за да направат воени камуфлажни мрежи, волонтерите користат остатоци од ткаенина обезбедени од воени текстилни фабрики и облека донирана од локалните жители“, рече Колинченкова.
„За сите години, ние исплетовме речиси 67.000 квадратни метри воени камуфлажни мрежи, вклучително 12.500 квадратни метри исплетени во последните две години“, забележа таа.
„До 22 квадратни метри воени камуфлажни мрежи се плетат секој ден“, додаде.
- „Ја живееме војната секој ден“ -
„Ја живееме војната секој ден, уште од првиот ден откако започна војната. Работиме за бранителите на нашата земја, бранителите од агресорот. Русија нè нападна нас, направи инвазија врз нас. Словените одат на гости со торта, но кај нас дојдоа со оружје. А кој доаѓа со оружје, тој умира од оружје. И тие ќе умрат од нашето оружје. И ние ќе ги поддржиме нашите војници“, рече Колинченкова.
„Јас лично верувам дека нашите дипломати и политичари ќе успеат да се справат со ситуацијата. Покрај тоа, нашите војници знаат како да се справат со оружје и знаат како да возвратат. И ние ќе им помогнеме (на нив) колку што можеме“, рече таа.
„Ние само посакуваме победа. А победата не секогаш се постигнува преку мир и дипломатија. Ние посакуваме каква било победа и ќе направиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на нашата армија“, додаде таа.
Русија неодамна собра десетици илјади војници во близина на источната граница на Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва негира дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби.