Bilal Güler
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
КАБУЛ (АА) - Портпаролот на привремената влада на талибанците, Забихулах Муџахид, истакна дека ја негираат изјавата на Обединетите нации (ОН) дека „талибанците можеби убиле повеќе од 100 Авганистанци од август наваму“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На својот личен профил на Твитер, Муџахид истакна дека не се точни информациите во извештајот поднесен од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, до Советот за безбедност на ОН (СБОН) во врска со убиствата во земјата под талибанско владеење.
„По амнестијата, на никого не му беше дозволено да наштети на друг. Дури и да има такво нешто поради чувство на лична одмазда, ние ги испитувавме случаите и ги гониме сторителите“, рече Муџахид.
Министерството за внатрешни работи на талибанската управа, кое даде изјава на оваа тема, нагласува дека по преземањето на власта во земјата никој не е убиен од припадниците на талибанците.
„ОН треба да ги препознава конкретните факти и не треба да има верба во информациите презентирани од ‘пристрасните кругови‘“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Меѓу другото, во соопштението е забележано дека членовите на претходната влада можеби биле цел поради „лично непријателство“ и дека таквите наводи се истражуваат од страна на талибанците.
- ОН: Талибанците можно е да убиле повеќе од 100 Авганистанци од август -
Во извештајот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, испратен до Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), за убиствата во земјата под талибанско владеење се нагласува дека постојат валидни наводи дека талибанците убиле над 100 авганистански војници и службеници од август, кога ја презедоа власта во државата.
Во извештајот се тврди дека повеќе од две третини од жртвите биле егзекутирани без судење и покрај тоа што талибанците прогласија општа амнестија кога дојдоа на власт.
Исто така се наведува дека има тврдења дека најмалку 50 лица осомничени дека се припадници на организацијата ДЕАШ-Хорасан се убиени без судење.