Umur Koçak Semiz
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
АНКАРА (АА) – Познатиот британски астрофизичар Стивен Хокинг предупреди дека доколку не биде пронајдена друга планета за живеење, во рок од илјада години човештвото ќе го снема, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата за потеклото на вселената и човештвото, одржана на Универзитетот Оксворд, Хокинг посочи дека човештвото го очекува мрачна иднина.
Тој нагласи дека во последните 50 години, човечкото знаење за вселената значително е зголемено.
„Ако имам дури и мал удел во тоа, радосен сум. Научниците кои со голема страст и возбуда ги прават експериментите, ќе придонесат подобро да ја разбереме вселената. Со помош на суперкомпјутерите, како „Космос“, ќе можеме да направиме мапа за милиони галаксии во вселената. На овој начин, подобро ќе го сфатиме нашето место во вселената“, вели Хокинг.
„Којзнае, можеби еден ден ќе успееме да погледнеме во срцето на Биг Бенгот (Големата експлозија) со помош на брановите на гравитацијата. Меѓутоа, истовремено, мораме да бараме друга планета за нашата, односно човечката иднина. Климатските промени постепено ќе доведат до крај на животот на планетата Земја. Ако не пронајдеме друга планета за живот, мислам дека човекот ќе може да опстане на нашата нежна планета уште илјада години“, вели понатаму Хокинг.
Тој ги охрабри младите да работат на решавањето на тајните на вселената: „Вашите очи нека бидат во небото, во ѕвездите, а не долу на земјата. Тоа што го гледате, обидете се да го разберете и да го објасните. Бидете заинтересирани. Колку и да е тешко, можете да успеете. Најважно е да не се откажувате“.
Хокинг за време на своите студии на Универзитетот Кембриџ се разболе од амиотрофична латерална склероза (АЛС) и не може да се движи, а за комуникација, односно за да може да зборува се користи со компјутерска технологија.
Неговата книга „Кратка историја на времето“ е продавана низ светот во десетици милиони примероци.
Болеста АЛС ги оштетува клетките на нервите во мозокот и во ’рбетниот столб и заболените не можат да ги контролираат мускулите. За оваа болест сѐ уште нема лек, а само мал дел од заболените можат да живеат повеќе од 10 години.