Ekipa
16 Април 2022•Ажурирај: 17 Април 2022
ГАЗА (АА) - Палестинската група Хамас денес соопшти дека е во комуникација со Обединетите нации (ОН) и регионалните земји за да се избегне понатамошна ескалација со Израел поради зголемените тензии во Источен Кудс (Источен Ерусалим), јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерот на Хамас, Изет ал Ришк, рече дека движењето испратило пораки до медијаторите дека „Кудс и џамијата Ал Акса се црвена линија и дека секоја провокација ќе биде пресретната со конфронтација“.
Хамас „не сака нова војна во Газа“, соопштија од Хамас, цитирајќи го Ал Ришк: „Отпорот ги следи сите случувања и ја има раката на чкрапалото.“
„Ние сме еден народ, и ако нашите свети места се нарушени, нашиот народ во сите области ќе има должност да ги брани“, се додава.
Вчера, шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, имаше телефонски разговори со египетските власти и со ОН во врска со ситуацијата во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во Кудс.
Неколку десетици Палестинци беа повредени во судирите со израелските сили вчера во дворот на комплексот на џамијата „Ал Акса“, во услови на зголемени тензии низ палестинските територии.
Тензиите ги зголемија стравувањата од можна воена конфронтација помеѓу Хамас и Израел слична на минатогодишната кога ескалацијата во Кудс го предизвика најтешкиот бран на насилство во последните години во Појасот Газа, во кој загинаа над 260 Палестинци и 13 Израелци.