Abdelrahman Fathy Ramadan Mohamed,Gülşen Topçu
15 Мај 2021•Ажурирај: 15 Мај 2021
ГАЗА (АА) - Копнената операција во Појасот Газа би била катастрофална за Израел и ќе го смени балансот на војната, изјави заменик-шефот на Политичкото биро на Хамас рано утрово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Салех ал Арури за телевизијата „Ал-Акса“, која е во сопственост на Хамас, во врска со вестите дека Израел започнал копнена операција во Газа во петокот, рече дека силите на отпорот се способни да ги изненадат израелските сили и имаат помоќно оружје од она што го користеле претходно.
„Копнена операција би била катастрофална за окупаторот и нема да може да излезе од неа сè додека не се смени балансот на војната“, истакна Арури, додавајќи дека подготовките на Хамас за можна копнена операција се многу поголеми од неговите ракети.
Тој нагласи дека силите на отпорот направиле подготовки за успешно возвраќање на секоја нова копнена операција.
„Линиите на фронтот во окупираниот Западен Брег, Појасот Газа и областа на Зелената линија, каде што живеат Арапи, државјани на Израел, се клучни за победата“, рече тој.
Портпаролите на израелската Армија во петокот ги демантираа јавувањата дека е започната копнена операција во Газа, ставајќи ја вината на погрешниот превод за таквите вести.
Бригадите „Изедин ал Касам“, военото крило на Хамас, ги повикаа сите Палестинци да им се спротивстават на израелските сили на плоштадите за да ја одбележат 73-годишнината од израелската инвазија на палестинските територии на 15 мај 1948 година, наречена Накба.
Во соопштението се повикуваат Палестинците да им пружат „кошмари на ционистите... и да ги натераат да ја платат цената за нивната окупација на палестинските територии“.
- Наредбата за иселување, протестите, нападите врз Палестинците -
Тензиите пораснаа од минатата недела, кога израелски суд нареди иселување на палестински семејства од населбата Шеик Џарах во Источен Кудс (Ерусалим).
Палестинците кои протестираа во знак на солидарност со жителите на населбата беа цел на израелските сили.
Окупаторските сили извршија рација и во џамијата „Ал Акса“ за време на ноќните молитви во текот на муслиманскиот месец Рамазан.
Последователната ескалација на тензиите резултираше со воздушни напади на Израел врз Газа, во кои, според палестинските здравствени власти, се убиени околу 140 Палестинци.
Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, чекор што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.