Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout,Zeynep Hilal Karyağdı
15 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
КУДС (АА) - Од Газа кон Израел се лансирани ракети како одговор на бомбардирањето на цивилните населени места во Појасот Газа од страна на израелските воени авиони, и како одговор за убиството на над 100 Палестинци, меѓу кои и деца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на израелската Војска се нагласува дека од синоќа во 19:00 часот до изутрина во 6:00 часот од Газа биле лансирани околу 200 ракети.
Во соопштението се тврди дека 30 од овие ракети паднале на територијата на Газа, додека над 100 биле уништени од страна на воздушниoт одбранбен систем „Железна купола“.
Се истакнува дека во ноќните часови повеќе пати биле пуштени сирени во израелските градови Ашдод, Бершева и Ашкелон, и во подрачјата покрај границата со Газа.
Од друга страна, израелската Војска преку Твитер објави снимка во која се забележува дека избувнал голем пожар во градот Ашдод како резултат на ракетите лансирани од Газа.
Не се споделени информации околу локацијата на пожарот и настанатата штета.
Израелската полиција соопшти дека ракетите паднале врз зграда во Бершева и дека е настаната штета.
Инаку, од 10 мај досега Израел врши интензивни воздушни напади врз Газа. Како резултат на нападите што Израел ги врши во Појасот Газа, од 10 мај досега загинаа 139 Палестинци, од кои 39 деца и 22 жени, додека 950 Палестинци се повредени.