Ekipa
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
ГАЗА (АА) - Палестинското движење Хамас денес повика на нова палестинска Интифада како резултат на одлуката на САД да го признае Ерусалим како главен град на Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Хеније, ги повика Палестинците да започнат протести од утре (петок) и упати апел до муслиманските земји да ги прекинат односите со САД.
Говорејќи на прес-конференција во градот Газа, тој рече: „Го повикуваме палестинскиот народ да излезе на улиците во петок и да започне нова Интифада со цел да го одбрани Ерусалим“.
Две претходни палестински Интифади, од 1987-93 и од 2000-05 година, беа проследени со изливи на насилство против окупаторските израелски сили.
Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера го соопшти признавањето на Ерусалим како главен град на Израел и преместувањето на американската амбасада од Тел Авив, и покрај големото противење на меѓународната заедница.
Ерусалим останува во сржта на израелско-палестинскиот конфликт.
Палестинците се надеваат дека Источен Ерусалим, кој сега е окупиран од Израел, може да биде главен град на идната палестинска држава.
Во предизборната кампања минатата година, Трамп континуиранио ветуваше дека ќе ја пресели американската амбасада во Ерусалим.