Ekip
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Палестина реагираше на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмената реакција на Министерството за надворешни работи на Палестина се наведува дека оваа држава „цврсто и недвосмислено ја отфрла одлуката соопштена од американскиот претседател Доналд Трамп. Признавањето на Ерусалим како главен град на Израел од страна на американската администрација е чин на непријателство кон палестинскиот народ и неговите неотуѓиви национални права".
Во реакцијата се истакнува дека Палестинската држава ја смета оваа политичка објава како напад врз духот и суштината на меѓународното право, вклучувајќи ја и Повелбата на Обединетите нации, која не прифаќа насилно стекнување на територија, ниту пак последиците што произлегуваат од таквите нелегални дејствија. Како што стои во писмената реакција, тоа претставува и напад врз духот и положбата на Ерусалим како град во срцето и како духовен центар на милијарди луѓе ширум светот.
„Оваа објава нема никакво покритие во однос на правниот статус на Ерусалим како окупиран палестински град и составен дел на окупираната палестинска територија. Сепак, политичките импликации од оваа одлука ќе имаат влијание и многу подалеку од Палестина и регионот. Одлуката на претседателот Трамп ја наградува колонизацијата, сериозните прекршувања на меѓународното право и подмолното непочитување на човековите права. Оваа одлука на американската политика испраќа опасна порака која му се заканува на меѓународниот систем и несомнено ќе ги охрабри другите чинители кои не го почитуваат меѓународното право да продолжат да го прават тоа, бидејќи наместо да бидат повикани на одговорност, тие ќе бидат наградени", стои во реакцијата.
Исто така, се наведува дека оваа одлука го загрозува меѓународниот систем, каков што го знаеме и како таква, претставува закана за дестабилизација на светот.
„Американската администрација се дисквалификуваше себеси од улогата на посредник во потрагата по мир во регионот. Палестина жали што со овој став, администрацијата на Трамп зазеде позиција од која јасно се обидува да ги попречи преговорите, кои требаше да започнат. Наместо тоа, овој чекор ги наруши напорите за повторно започнување на мировните преговори со цел постигнување на правично и финално решение за конфликтот. Во оваа смисла, палестинската држава повторува дека нема мир без формирање на палестинска држава и дека палестинската држава не може и нема да биде воспоставена со Источен Ерусалим како нејзин главен град."
Во реакцијата на Палестинското Министерство за надворешни работи се нагласува дека со оваа најава, претседателот Доналд Трамп го крши американското гарантно писмо од 1993 година и бројните резолуции на Советот за безбедност кои не ја признаваат израелската илегална окупација и анексија на Источен Ерусалим.
„Уште поопасно, нелегалното одобрување на израелската колонизација од страна на администрацијата на Трамп се заканува да го запали религиозниот жар и тензиите и да воведе лажна, но сепак запаллива религиозна димензија во конфликтот. Ова е особено опасно и е во спротивност со палестинскиот став, кој инсистира дека овој конфликт е поврзан со националните права, а не со религијата", се наведува во реакцијата.
Меѓу другото, се нагласува дека Палестина ја цени огромната поддршка што ја добива од државите во светот, кои отворено и недвосмислено се спротивставија на оваа одлука на САД.
„Ги повикуваме овие држави во однос на тоа да преземат практични чекори за заштита на дводржавното решение и неотуѓивите права на палестинскиот народ. Време е земјите што се спротивставуваат на овој опасен развој на настаните да застанат на вистинската страна од историјата, да ја признаат државата Палестина, во согласност со меѓународното право и да ги отфрлат обидите за туркање на светот во неред и хаос."
„Денес е тажен ден за меѓународниот систем, за меѓународното право и за палестинскиот народ. Американската администрација донесе одлука да застане сама, на погрешната страна од историјата, и да го награди колонизаторот. Таа мора да остане сама", пишува во писмената реакција и се порачува:
„На крајот, државата Палестина го потврдува своето суверено право да го брани својот народ и националните права преку сите достапни правни и политички механизми. Палестина не може и нема да се предаде на реалноста (моменталната состојба) диктирана од бруталната сила и агресивноста."
Потсетуваме, претседателот на САД, Доналд Трамп вечерва изјави дека е време Ерусалим да биде официјално признаен како главен град на Израел. Тој нагласи дека веќе ѝ наредил на американската администрација да започне со подготовките за преместување на амбасадата на САД во Ерусалим.