Rania R.a. Abushamala
18 Февруари 2025•Ажурирај: 19 Февруари 2025
ГАЗА (АА) - Палестинската група на отпорот Хамас денес соопшти дека ќе ослободи шест живи израелски заробеници и четири тела според договорот за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници со Израел, јавува Анадолу.
„Договорено е преостанатите шест живи израелски затвореници да бидат ослободени в сабота како дел од првата фаза од договорот за Газа“, рече лидерот на Хамас во Газа, Калил ал-Хаја, во снимен говор.
Тој соопшти дека Хишам ал-Сајед и Аверу Менгисту се меѓу шесте заробеници што треба да бидат ослободени в сабота.
Лидерот на Хамас рече дека неговата група, исто така, ќе предаде тела на четворица израелски затвореници, меѓу кои се и членови на семејството Бибас.
„Израелскиот непријател ќе ги ослободи палестинските затвореници за возврат според договорот“, додаде тој.